ЕБОР и Македонија го потпишаа договорот за реконструкција и проширување на патот од Крива паланка до граничниот премин Деве Баир.

Со склучувањето на договорите за заем и гаранција се обезбедуваат  10 милиони евра за изградба на делницата во должина од 13 километри.  

- Проектот ќе ја подобри поврзаноста на Македонија со Бугарија со која последната година сериозно ја зголемуваме трговската размена. Оваа делница е дел од проектот кој треба да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Овој пат е од особена важност за македонската економија. Придобивките од неговата реализација не се само од национален, туку и од регионален интерес, рече министерот Драган Тевдовски на потпишувањето.

Су Барет директор на тимот за транспорт на ЕБОР, истакна дека овој проект ќе ги подобри економските врски на земјата со Европска Унија преку соседна Бугарија.

- Надградбата на паневропскиот  патен коридор се стреми кон креирање 10 главни транспортни коридори долж Европа, поттинувајќи ги транспортните конекции и трговијата, рече  Су Барет.

Како што нагласи министерот за транспорт Горан Сугарески Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ е силно посветена на регионалниот развој. Владините политики се насочени кон комплетирање на Коридорот 8, кој ќе ја направи државава клучен транзитен центар на Балканот.

- Нашата цел е да созадеме функционален Коридор 8 кој ќе овозможи брз и безбеден превоз на патници и стоки. Со обезбедување средства за доизградба на уште една лента на овој патен правец ќе придонедеме за побрз трансппорт и  регионално поврзување и соработка, рече Сугарески.

Директорот на Јавното државно претпријатие Зоран Китанов информираше дека е завршена целосната  документација од аспект на безбедност на патишта и заштита на  животната средина. Се подготвува документацијата за одобрението за градење  и ќе може веднаш да се стартува со работа.

-  Целата идеја е заедно  со експресните патишта до границата со Бугарија да направиме една целина.  Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно. Ќе се прошири секаде каде што може со трета лента на постоечките. Ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце, рече Китанов.

извор: Министерство за финансии