Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со директорот на МЕПСО, Сашо Василевски денеска извршија увид во модернизацијата на трансформаторската станица „Дуброво“.

Проектот за модернизација на трафостаницата е во вредност од 4,6 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на МЕПСО, заем од Европската банка за обнова и развој и неповратни средства од Европската комисија.

Проектот предвидува замена на примарната опрема со нова опрема, како и ревитализација на секундарната опрема и се очекува да биде завршен во рок од три години.

Според министерот Сугарески електроенергетиката  е од клучно значење за севкупниот стопански развој на Република Македонија. Со цел да се стимулира економски раст на државата и да се одржи стабилност во енергетскиот сектор, неопходни се инвестиции за модернизација на електроенергетските постројки.

„Станува збор за комплексен проект кој го означува почетокот на голем инвестициски циклус во електроенергетскиот сектор во вредност од преку 70 милиони евра. Со сите овие планирани инвестиции ќе овозможиме стабилен енергетски сектор во Република Македонија. Европската банка за обнова и развој и понатаму останува значаен партнер на Република Македонија, поддржувајќи нè во инвестициите за изградба и реконструкција на електропреносната мрежа, со кредитна рамка која надминува 30 милиони евра“– истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во својата изјава за медиумите.

Генералниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски изјави дека постројката „Дуброво“ е срцето на македонскиот електропреносен систем.

„Многу важно е тоа што овој проект ангажира и домашни ресурси и значаен дел од инвестицијата ќе влезе и во македонската економија преку ангажманите на фирми подизведувачи, снабдувачи и преку ангажманите на стручни лица од различни профили“, потенцираше Василевски.

Модернизацијата на трафостаницата „Дуброво“ ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.