Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска се обрати на Конференцијата по повод проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија, на граничниот премин Табановце.

Проектот е со вкупна инвестициона вредност од преку 4, 5 милиони евра и се очекува изградбата да започне во 2020 година.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање истакна дека покрај изградбата на заеднички железнички граничен премин  на површина од околу 2400 метри квадратни, предвидена е и изградба на нов пристапен пат до железничкиот премин, како и нова пречистителна станица за да се подобри снабдувањето со вода и електрична енергија.

Во продолжение следува интегрален текст од говорот на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Република Македонија со својата цврста одлука за Европската и евроатлантска интеграција е максимално посветена кон воспоставување на регионална соработка и добрососедски односи.

Денешниот настан е само потврда за нашите намери за продлабочување на таквата меѓудржавна соработка.

Денеска на мое огромно задоволство ќе го презентираме проектот што заеднички го работиме со нашите колеги од Република Србија, а е од огромно значење за брз и безбеден транспорт на стока и патници.

Проектот предвидува изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија на граничниот премин Табановце, на вкупна површина од околу 2400 метри квадратни.

Во заедничкиот објект ќе бидат сместени вработени на Гранична полиција, на Царинските управи, Инспекциските служби како и државните железнички компании од Република Македонија и Република Србија.

Целокупниот граничен систем, вклучувајќи ги и инспекциските контроли ќе функционираат заеднички од тој објект, со што ќе се овозможи побрз и поефикасен транспорт на стока и патници.

Со проектот се предвидува изградба и на нов пристапен пат до железничкиот премин, како и нова пречистителна станица со цел да се подобри снабдувањето со вода и електрична енергија.

Вкупната инвестициона вредност е проценета на преку 4, 5 милиони евра.

За таа цел Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски до крајот на оваа година ќе аплицира за грант преку инструментот на Инвестициска Рамка на Западен Балкан на Европската Унија, за што веќе добивме поддршка за обезбедување на инвестицијата од Европската банка за обнова и развој.

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на Европската банка за обнова и развој и секако на нашите пријатели од ЕУ, кои се силни поддржувачи во изградба на капитални проекти што сеод огромно значење за граѓаните на Република Макeдонија. 

Би сакал да спомнам дека проектот за зедничка железничка станица е веќе завршен, подоцна ќе можеме да погледнеме како тој ќе изгледа.

Исто така би сакал да дополнам дека во завршна фаза е изработката на тендерската документација за изградба со што набрзо ќе биде објавен јавниот повик и ако работите се одвиваат согласно договорената динамика, изградбата би започнала во 2020 година.

Има неколку придобивки од изградбата на оваа заедничка железничка станица, а тоа се:

  • Подобра соработка меѓу Царината, Граничната полиција, фитосанитарната, ветеринарната и радиолошката инспекција  на двете земји.
  • Намалување на времето на патување со воз од најмалку еден час
  • Намалување на времето за товарен транспорт за најмалку два часа
  • Зголемена конкурентност на железничкиот транспорт во споредба со патниот сообраќај.
  • Намалено влијание врз животната средина.
  • Намалување на операциите на железничката станица, бидејќи ќе има само едно застанување на возовите.

Се надевам дека со нашите колеги од Република Србија ќе продолжиме да соработуваме на овој значаен проект за двете држави и за отприлика за 4 години, ќе бидеме сведоци кога граничните и инспекциските служби заеднички ќе ги извршуваат своите должности во една нова, модерна и современа Европска железничка станица“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.