Да се формира посебно извршно тело со одговорност за подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата за да се намалат несреќите и бројот на жртви и повредени, предлага Министерството за транспорт и врски.

Можноста за формирање на ова тело што би функционирало како агенција со свој буџет и вработени со јасни извршни надлежности ќе се анализира во наредните шест месеци. Тоа би ги покривало сите аспекти за проблематиката што сега се третира од повеќе институции, како Министерството за внатрешни работи, Јавното претпријатие за државни патишта, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата,,... кои и натаму продолжуваат со ативности во областа. 

Агенцијата би се разликувало од сегашните институции по тоа што ќе има систематски пристап со анализа на сите фактори за соообраќајките,  ќе ги утврдува и отстранува црните точки, ќе наложува на останатите институции да преземат конкретни мерки. Така, на пример, не би се повторувале случаи кога на исто место се случуваат сообраќајки со жртви.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, крајната цел е да се намали просечниот годишен број на жртви од сообраќајќи во Македонија кој изнесува меѓу 160 и 200.  Таа бројка, според надлежните, е уште поголема со оглед дека не ги опфаќа починатите како последица на сообраќајната несреќа.

- Целта на формирање на оваа агенција е да се најдат модели и да ги координираат активностите за подобрување на безбедноста на патиштата, преку безбедна инфраструктура, квалитетни обуки на возачите, проценки кои се безбедни возила за да можат да се вклучат во сообраќај, обуки на службите за реакции по сообраќајни несреќи и сет други мерки кои значително ќе ја зголемат безбедноста на патиштата, изјави денеска  Сугарески.

Во наредните шест месеци, како што појасни, во потребната анализа ќе бидат вклучени сите надлежни институции, ќе се направи конкретен план и преку законски измени ќе се достави предлог до Владата за формирање на ова тело.

Официјалните податоци покажуваат дека Македонија споредено со 32 држави во Европа е меѓу последните пет по безбедност во сообраќајот. Македонија е во групата држави во транзиција каде, како што велат експерите од оваа област, се остава се да преземе полицијата и не се преземаат системски напори, што е случај во високо развиените држави кои меѓусебно се натпреваруваат во намалување на бројот на жртви.

Со системски напори и јасно утврдени надлежности на новата агенција просечниот годишен број жртви од сообракајќи, според проценките, долгорочно, за 10 до 15 години, би се намалил на 150.

Статистиката покажува дека од 1.191 година до 2017 година во сообракајќи во Македонија загинале 5.550 лица. Во 2015 година   во сообраќајки починале 15 деца на возраст од 0 до 14 години. 

Во земјите од ЕУ во просек има 5,2 жртви во сообраќај на 100.000 жители, а во Македонија тој број изнесува 7,1. Официјалните податоци покажуваат дека од 2010 до 2016 година во државата е зголемен просекот на жртви во сообраќајот, на осум на 100.000 жители, односно за 1,3 проценти. Останатите држави во регионот, како на пример Србија и Црна Гора во 2016 година споредено со 2010 година го намалиле бројот на жртвите за 46 проценти односно за 7 проценти. 

На изгубени животи и тешко повредени Македонија годишно губи 2,3 проценти од БДП.

Извор:МИА