Министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески, оствари работна средба со амбасадорот на Укрaина  во Република Македонија, Наталија  Задоржњук.

На средбата министерот Сугарески го информираше украинскиот амбасадор за инфраструктурните проекти што се реализираат во Република Македонија.

Посебно се отворија прашањата за капиталните проекти во делот на  гасификацијата и изградба на железничката мрежа во Република Македонија.

На средбата министерот информираше дека во наредниот период следи засилен инвестициски циклус во инфраструктурата и ја отвори можноста за соработка со компании од Украина.

„Денеска остварив средба со украинскиот амбасадор на која средба разговаравме за проектите што ги реализираме во делот на гасификацијата и железницата. Амбасадорката ме информише дека постојат компании кои се специјализирани за овие сектори и се заинтересирани да учествуваат во реализација на овие проекти. Се надевам дека сите заинтересирани компании од Украина ќе пројават интерес на јавните повици што ќе ги објавиме во наредниот период за изградба на гасификационата и железничката мрежа во земјава”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот Сугарески изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од продлабочување на добрите односи и зајакнување на таквата соработка меѓу двете земји.