Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески беше во посета на општина Карпош, каде оствари средба со градоначалникот Богоев. На средбата разговараа за проектите кои се реализираат во општината, а имаат за цел подобрување на условите за живот на граѓаните. 

На средбата стана збор и за проектот со кој градоначалникот аплицираше до Министерството за транспорт и врски. Во моментов се врши анализа на документацијата и се очекува реализацијата да започне наскоро. Проектот предвидува замена на старите водомери во домаќинствата во општина Карпош, а ќе биде финансиран со средства од кредитната линија на Европската инвестициска банка. 

Во изјава за медиумите, министерот Сугарески истакна дека Владата на Република Македонија дополнително ќе обезбеди уште 100 милиони евра за сите општини за подобрување на водоводните и канализационите мрежи и ќе инвестира 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локалните патишта во општините. 

Министерот испрати и апел до општините што побрзо да започнат да подготвуваат проекти и да аплицираат до Министерството за транспорт и врски за да може навремено да се користат предвидените финансиски средства.   

„Оваа финансиска помош ќе биде од огромно значење за сите граѓани, бидејќи е предуслов за подобрување на животот во населените места. Како Централна власт ќе останеме партнер на општините и ќе дадеме целосна поддршка за реализација на проектите со кои ќе овозможиме подобар живот за сите“ - изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.