Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски, денеска изврши увид во изградбата на водоводната линија на населените места Превалец и Оризари. 

Проектот е во вредност од 11,5 милиони денари и се очекува да биде завршен до крајот на 2018 година.

Во текот на средбата, министерот Сугарески и градоначалникот Коцевски разговараа за тековните проекти кои се реализираат во општината, како и за три нови проекти со вкупна вредност од половина милион евра, кои општина  Велес ги достави до Министерството за транспорт и врски на разгледување.

Во изјавата за медиумите министерот Сугарески истакна дека изградбата на водоводната линија е многу значаен проект со кој значително ќе се подобри водоснабдувањето на населените места Превалец и Оризари, бидејќи на овој начин ќе се поврзат на градската водоводна мрежа.

Во продолжение следува интегрален текст од изјавата на министерот Сугарески: 

  „ Денеска ми е особено драго што сум во општина Велес каде заедно со градоначалникот Коцевски извршивме увид во изградба на водоводната линија на населените места Превалец и Оризари. 

Ова е многу значаен проект со кој значително ќе се подобри водоснабдувањето на овие две населени места, бидејќи ќе се поврзат на градската водоводна мрежа.

Должината на оваа линија е речиси 2 километри, а инвестиција е 11, 5 милиони денари.  Очекуваме проектот да биде завршен до крај на годината.

Друго што сакам да спомнам е дека општина Велес до Министерството за транспорт доставија уште три проекти  со вкупна вредност од половина милион евра и тоа :

-  Покривање на отворен канал од ф-ка  „Благој Ѓорев“ до влив во река Вардар

-  Изградба на фекална канализација од Сујаклари преку Кумарино до  Мамутчево

-  Изградба на канализациона мрежа во с. Сливник

-  И проект за реконструкција на 7 улици низ градот

Во следниот период министерството ќе ги разгледа и ќе ги испрати проектите до ЕИБ за да може да ги повлечеме парите за нивна реализација.

Во делот на патната инфраструктура исто така сакам да најавам дека планираме сериозни инвестиции во реконструкција на неколку патни правци и тоа:

-  Рехабилитација на автопатска делница Велес-Градско во должина од 10 км. Почетокот на градeжните работи е предвиден за оваа година.

-  Реконструкција на патен правец Катланово-Велес, мислам на стариот пат. Очекуваме оваа година да се распише тендер за Изведувач.

-  Реконструкција на регионалниот пат Велес-Градско-Неготино-Демир Капија, тендер за Изведувач се очекува да се распише оваа година.

-  А исто така преку ИПА програмата ќе се обидеме да обезбедиме средства за реконструкција на пругата од Велес до Битола.

Со градоначалникот Коцевски зборувавме и за проектите што ги реализира Општината. Како централна власт даваме максимална поддршка се со цел да го подобриме и унапредиме животот на велешани„ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.