По повод 69 годишнината од постоењето на Градежен факултет, министерот Сугарески се обрати пред присутните, потенцирајќи за потребата од создавање на нераскинлива врска меѓу државните институции и овој Факултет во насока на реализација на капиталните проекти. 

Во продолжение интегралниот говор на министерот Сугарески: 

"Најпрво сакам да испратам искрени честитки за 69 годишнината од постоењето на Градежниот Факултет, образовна институција која во досегашниот период се покажа како клучна во продуцирање на квалитетни кадри истакнати во градежната дејност во Република Македонија. Сите добро знаеме колку градежништвото како дејност е значајно во создавање на нови вредности во Република Македонија.  

И тука Вие, Градежиот факултет, професорите и студентите,  сте препознатливи по тоа. Делата пред се зборуваат за значењето на оваа образовна институција.

Нашата визијата и цел е во Република Македонија да создадеме квалитетна инфраструктура. Оттука природно се јавува потребата од создавање на нераскинлива врска меѓу државните институции и овој Факултет.  И морам да спомнам дека таквата соработка досега  се движи во вистинска насока.   

Исто така би сакал да ги охрабрам и сите студенти да вложат максимални напори и да ги совладаат знаењата од оваа благодетна дејност како би се вклучиле во создавње на просперитетна Македонија.

Во Република Македонија во моментов се реализира еден голем инвестициски циклус во изградба на капитални објекти.

Ако градежништвото изминатиот период имаше стагнација и мал пад, Ве уверувам дека доаѓаат добри денови за градежната дејност во Македонија.

Ова го кажувам бидејќи се инвестираат преку една милијарда евра само во делот на инфраструктурата.

И тоа што сакам да потенцирам е дека во сите овие проекти голем удел во планирањето и изградбата се вклучени лица кои своето образование го стекнале токму од овие простории.

Сето ова покажува колку градежништвото како дејност е значајно во развојот на оваа земја а тоа само по себе говори и за значањето на Вашиот факултет.

Сосема на крај би сакал да се заблагодарам за соработката што ние како Министерство ја имаме со овој Факултет и уште еднаш да Ви ја честитам годишнината, а посебни чститки да упатам до најуспешните студенти", се обрати министерот Сугарески.