Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, денеска остварија средба со претставници на компанијата „Рубау“, Изведувач во изградба на експресниот пат Градско – Прилеп.

На средбата се разговараше за интензивирање на изградбата на овој патен правец, како и за надминување на состојбите што се затекнати во текот на изградбата, како на пример експропријација, легализација и појава на арехеолошки наоѓалишта.

Како едно од решенијата за квалитетна изградба на овој патен правец, од страна на изведувачот предложен е нов рок за изградба, за што Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта дополнително ќе се произнесат.

„Денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта имавме конструктивна средба со претставниците на компанијата Рубау. На состанокот ги разгледавме причините поради кои се доцни со реализација на овој проект. Тие понудија дополнителен рок во рамките на кој очекуваат да ја завршат изградбата на делницата Фаришка – Дреновска клисура од екпресниот пат Градско – Прилеп. Во наредниот период ќе ги разгледаме нивните предлози, но она што сакам да го потенцирам е дека ќе побараме од изведувачот квалитетна изградба на овој патен правец кој е многу важен за поврзување со Пелагонискиот регион“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На крајот на средбата и двете страни се согласија на заедничка соработка на надминување на настанатите состојби заради побрза и поефикасна реализација на проектот.