Денеска официјално е пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија-Смоквица, на Коридор 10. Автопатот е долг 28 километри, а вкупната инвестиција за неговата изградба е 218 милиони евра. На свеченото пуштање во употреба присуствуваа претседателот на Владата, Зоран Заев, Кристиан Даниелсон, Генерален директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија, претставници од Владата, градоначалници и амбасадори на земји од ЕУ. 

Во продолжение интегралното обраќање на министерот Сугарески: 

Денеска означуваме завршување на многу значаен капитален инфраструктурен проект за Република Македонија, но истовремено денеска означуваме ново поглавје за Европска Македонија.  

Од денеска добиваме, нова, модерна и безбедна автопатска делница, прва од овој тип на Балканот.  

Овој автопат од Демир Капија до Смковица кој е во должина од 28 километри, технички беше најтешката делница за изградба од патниот Коридор 10 во Македонија, која поминува низ Демиркаписката клисура и тешко достапниот планиски терен по неа.

Од тие причини ова автопатско решение претставува најсовремен тип на градба која е изградена по сите светски и европски стандарди.

Автопатот располага со по три сообраќајни ленти од двете страни, два тунели со должина над 1 километар и истите претставуваат најдолги патни тунели во Република Македонија.

Во однос на тунелите, она што сакам да потенцирам е Контролниот центар во Неготино од каде се врши 24 – часовен мониторинг за целиот сообраќај што се одвива во тунелите.

Овој контролен центар претставува најсовремено решение за управување со кризни ситуации од каде се обезбедува управување на сообраќајот во тунелите во реално време.  

Составен дел од овој автопат се и шест мостови, од кои пет мостови се градени со конзолен тип на градба, што исто така претставува новина во градежништвото во Македонија.

Дозовлете ми да нагласам дека овој автопат е проектитран и изграден согласно нормите и стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата на штетни гасови.

Истиот ги содржи сите потребни каректеристики за безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници.

Вредноста за изградба на автопатот изнесува околу 218 милиони евра за изградба и 10 милиони евра за надзор. Средствата се обезбедени преку грант од Европската Унија во висина од 70 милиони евра и заеми од Европската банка за обнова и развој и Европската Инвестицониона Банка. 

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на нашите пријатели од Европската Унија, но исто така и другите меѓународни финансиски институции за поддршката што ни ја овозможуваат за реализација на инфраструктурните проекти во нашата држава.

Република Македонија е на добар пат да влезе во Европското семејство на развиени и просперитетни земји. Би посакал овој автопат да биде вистинкиот правец за побрза интеграција меѓу најдобрите.

Почитувани Пријатели

Тоа што во овој момент е најважно е дека граѓаните на Република Македонија добија модерен автопат граден по сите стандарди.

Не сакаме да се навраќаме на ситуациите што ги наследивме од претходната Влада во однос на изградбата, бидејќи тоа што за нив беше  невозможно, ние за само неколку месеци успеавме да го надминеме и да овозможиме овој автопат да биде пуштен во употреба.

Уверени сме дека најголема корист од овој нов автопат ќе имаат граѓаните на Република Македонија, но и сите други странски државјани кои транзитираат низ земјата и ќе ја користат оваа делница.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека влеговме во силен инвестициски циклус во изградба и реконструкција на целокупната патна инфраструктура во државата.

Тоа што е важно за нас како држава е да имаме брз, безбеден и модерен Коридор 10, кој на долг рок на земјата ќе и донесе економски раст и подигнување на нивото на квалитетот на транспортните услуги.  Од друга страна ќе се овозможи побрза интеграција во регионот, а земјата ќе ја направи клучен транзитен центар на Балканот.  

Во таа насока сакам да дополнам дека:

-  автопатот од Куманово до Миладиновци е реконструиран во двата правци, 

-  автопатот Велес – Катланово исто така се реконструираше во двата правци,

-  потоа се рехабилитираше оштетената возна лента на делницата Велес – Градско,

-  за два до три месеци ќе завршиме со реконструкција на автопатската делница Неготино - Демир Капија.

-  рехабилитацијата на делниците  Смоквица – Гевгелија и од Гевгелија до граничниот премин Богородица е завршена.

Што значи дека за неколку месеци Република Македонија ќе има комплетно рехабилитиран, модерен и безбеден Коридор 10.

На крајот би сакал да им се заблагодарам на сите институции, приватни компании, домашни и странски, поединци и сите останати кои досега директно или индиректно биле вклучени во изградбата на автопатот и посакувам да имаме и други вакви модерни и безбедни автопати во Република Македонија, се обрати Сугарески.