Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со претставници на германската компанија “Вибе”, предводени од Патрик Мартенс, директор на делегацијата на германското стопанство во Република Македонија.  

На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу Министерството за транспорт и врски и компанијата Вибе во однос на изградбата на пругата на Коридор 8 каде оваа компанија се јавува како изведувач.  

Министерот Сугарески на средбата ги презентираше и плановите за изградба на капитални инфраструктурни проекти што ќе се реализираат во Република Македонија во наредниот период.  

Во таа насока ги повика сите заинтересирани компании од Германија да пројават интерес за учество на јавните повици за реализација на таквите проекти.

“Средбата со претставниците од германското стопанско здружение е повеќе од корисна бидејќи во следниот период планираме сериозен ивестициски циклус во изградба на нови патишта и железници. Во тој контекс ги повикав сите заинтересирани компании да се вклучат во изградбата на клучните проекти за Република Македонија. Имајќи ја предвид нивната големина и искуство, сигурен сум дека ќе понудат квалитет во реализација на проектите”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

И двете страни изразија благодарност за досегашната соработка и се обврзаа на реализација на проектот на Коридор 8 во рамки на договорените рокови.