Mинистерот за транспорт и врски  Горан Сугарески оствари работна средба со амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Герет.

На средбата министерот Сугарески го информираше амбасадорот за капиталните проекти што се реализираат во Република Македонија во делот на инфраструктурата.

Амбасадорот беше запознат конкретно со проектите што ќе се реализираат во следниот период во делот на патната инфраструктура, изградба на железницата на Коридор 8, како и за проектите што ги реализира министерството за транспорт и врски  во комуналната инфраструктура и гасификацијата.

На средбата се разговараше за актуелните состојби меѓу двете земји, притоа акцент се стави на зголемување на економската соработка меѓу Република Македонија и Велика Британија

“Ова е прва наша средба и можам да ја оценам како исклучително добра бидејќи го запознав амбасадорот со проектите што ќе се реализираат во Република Македонија. Исто така разговаравме и за целокупните состојби во Република Македонија како и за соработката меѓу двете земји” изјави министерот Сугарески.

Министерот изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во понатамошниот период.