Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оставри билатерална средба со министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина, Исмир Јуско.

На средбата се разговараше за зголемување на соработката меѓу двете земји преку прашања поврзани со надлежностите на двете министерства. Министерот Сугарески го отвори прањањето за повторно воспоставување на директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево. Двајцата министри се согласија дека потребно е заедничка заложба на двете Влади за во наредниот период да се создадат услови повторно да се воспостави линијата од Скопје до Сараево. 

“Ние како држави имаме многу заеднички работи и токму ваквата авионска линија ќе придонесе за остварување на поблиски односи меѓу бизнис секторот, граѓаните, културните врски. Инаку меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина од 2004 година постои Билатерална спогодба за воздушен сообраќај така да не постојат пречки оваа линија повторно да се воспостави, изјави министерот Сугарески. 

Исто така се разговараше и за Договорот за основање на транспортната зедница каде Македонија на Самитот во Трст стана членка на оваа тело.  Договорот заосновање на транспортна заедница ќе ги забрза секторските реформи и либерализацијата на пазарите во одделните видови на транспорт, додека на подолг рок ќе придонесе за подобрена ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на транспортните услугите.

На средбата се разговараше и за продлабочување на соработката во областа на патниот сообраќај. Согласно одредбите од Спогодбата за меѓународен патен превоз на патници и стоки потпишана меѓу двете земји,  превозот на стоки се врши без дозволи за билатерала и транзит, а превозот на стоки за и од трети земји се врши со дозволи кои се разменуваат секоја година на реципрочна основа.

На средбата се отворија и прашањата поврзани со железничкиот сообраќај и подобрување на безбедноста во инфраструктурата.

Двајцата министри се согласија дека средбата е од заедничка корист за двете земји и дека во наредниот период дополнително ќе се залагаат за зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина.