Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, остварија работна посета на општина Крива Паланка.

На средбата со градоначалникот Борјанчо Мицевски разговараа за инфраструктурните проекти што се реализираат во општината и проектите кои во следниот период ќе се реализираат а кои се подржани од Владата на Република Македонија.

Исто така градоначалникот ги информираше двајцата министри за тековните проекти што ги реализира општината кои се од клучно значење за подобрување на квалитетот на живот на жителите на Крива Паланка и регионот.

Посетата на Крива Паланка беше искористена да се означи завршувањето на два инфрастуктурни проекти и тоа: Реконструкција на регионланиот пат Крива Паланка –Огут како и проектот за подобрување на водоснабдувањето во општината.

“Прво сакам да соопштам дека преку Министерството за транспорт во соработка со општината реконструиравме дел од водоводната мрежа на повеќе улици во централниот дел од градот со вкупна должина од околу 3 километри.  Исто така преку министерството ќе се работат уште два проекти за подобрување на водоводот во градот со вредност од 470 илјади евра.

Друга што е важно е тоа што заврши реконструкцијата на регионалниот пат Крива Паланка - Огут, многу значаен патен правец за жителите кои гравитираат кон населените места према Огут. Инвестицијата е во вредност од 15 милиони денари, средствата беа обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Владата преку економскиот тим е максимално посветена на развој на инфраструктурата во овој регион, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

“Ве уверувам дека економскиот тим на Владата, многу работи за да ги подбриме условите за живеење во овој регион. Имаме сериозни инвестиции во инфраструктурата, земјоделците ни се приоритет,  така да силно сме посветени за развој на Крива Паланка и регионот”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Министрите потенцираа дека само во овој регион се инвестира повеќе од половина милијарда евра во нова инфраструктура. 

Тие нагласија дека Владата е посветена на проектот за изгрaдба на железницата кон Република Бугарија, потоа изградбата на ескпресниот пат до Ранковце, анајавија дека оваа година ќе се започне со реконструкција на постоечкиот патен правец од Ранковце до Крива Паланка, инвестиција од 3 милиони евра.