Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска се обрати на регионалниот собир на кој се разгледуваа новите мерки донесени од страна на Meѓународната Агенција за Цивилно Воздухопловство - ICAO во врска со намалување на шететните емисии на јаглерод во авио индустријата.

Министерот Сугарески ја потенцираше важноста на ваквите мерки како услов за поголема заштита на животната средина. 

Во продолжение обраќањето на министерот Сугарески:  

"Ми преставува чест и задоволство да го отворам денешниов исклучително значаен собир, посветен на вашите напори како воздухопловна индустрија да размените искуства и знаења и да барате решенија за предизвикот со кој се соочува глобалниот еко систем во намалување на стапката на штетни емисии на јаглерод, кои во моментов го обременуваат воздушниот транспорт, а со тоа и глобалниот животен свет.

Уверен сум дека Република Македонија ќе ја оправда честа која и е укажана да биде земја домаќин на овој значаен собир. Воедно се надевам дека ќе се изнајдат конкретни решенија за справување со глобалното влијание на емисијата на јаглерот врз локалниот квалитет на воздухот во земјите од Европа и светот.

Истовремено, ја поздравувам стратегиската цел на ИКАО за практична имплементација на Системот за пренамена и намалување на јаглеродот за меѓународното воздухопловство, како комплементарна мерка за решавање на овој исклучително значаен проблем на современото живеење.

Верувам во напорите и амбициите на нашите европски партнери конципирани во планот Флајтпет- 2050, со кој се очекува емисиите на јаглерод диоксид да се намалат за 60 - тина проценти.

Информациите споделени на овој регионален собир, базирани на стандардите и препорачаните практики на КОРСИА, ќе дадат значаен придонес во достигнувањето на повисок степен на еколошки интегритет меѓу земјите, а со тоа и поголема ефикасност во справувањето со глобалните атмосферски проблеми.

Република Македонија и понатаму останува ваш достоен партнер  во креирањето високо квалитетен, брз, ефикасен, сигурен и еколошки одржлив воздушен транспорт, целосно базиран врз современите високо поставени правила и стандарди", рече Сугарески.

Настанот е организиран од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија во соработка со ИКАО.