По повод одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија, 8 септември, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески беше дел од владината делегација што ја посетија реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.

На новинарско прашање, до каде е изградбата на експресниот пат Градско Прилеп, министерот Сугарески изјави:

“Слободно можам да кажам дека ги обезбедивме сите средства за изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, во висина од околу 70 милиони евра. Пред десетина дена го потпишавме договорот со ЕУ за финансирање на вториот дел од експресниот пат, конкретно делницата од Градско до Дреново. Се работи за грант неповратни средства во износ од 35,4 милиони евра обезбедени преку ИПА програмата. Избрана е градежната компанија што ќе ја гради оваа делница и очекувам до крај на годината да започнат и градежните работи на терен а целосна изградба на овој експресен пат се очекува крајот на 2019 година. Знаете дека во тек е изградбата на делницата од Фаришка до Дреновска клисура и како што претходно информирав, се соочивме со одредени проблеми на кои секојдневно работиме за да ги надминеме. За Третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и влезот во Прилеп, средствата се веќе обезбедени исто така преку Европската Унија во вид на грант”, изјави министерот Сугарески.

На новинарско прашање дали ќе се градат бегaлски кампови, министерот Сугарески изјави:

“Во неколку наврати сум одговорил на ова прашање. Само во замислата на ВМРО ДПМНЕ за да направи манипулација со гласачкото тело на локалните  избори, најавуваат беглаци и мигранти и изградба на кампови и станови. Тврдам дека ниту кампови ниту станови нема да се градат за мигранти и бегалци”, изјави министерoт Сугарески.