Маневски: Започнавме со изработка на Стратегија за развој на поштенскиот пазар
27.02.2019
Државниот секретар на Министерството за транспорт и врски, Зоран Маневски се обрати на настанот по повод започнување на твининг проект на Агенцијата за пошти, Делегацијата на Европската Унија и Меѓународната Иберо-Американска фондација за администрација и јавни политики за јакнење на капацитетите на Агенцијата за пошти.
Според директорката на Агенцијата, Билјана Аврамоска – Ѓоревска, овој проект треба да му помогне на регулаторното тело за поштенски сообраќај да ги зголеми капацитетите на работа и да го подобри инспекцискиот надзор.
Државниот секретар Маневски истакна дека веќе е започнат процесот за подготовка за отворање на пазарот на поштенски услуги.
“Министерството за транспорт и врски почна со изработка на стратегија за пазарот на поштенски услуги со која ќе се постават нови насоки за негов развој. Стратегијата ќе биде во насока на заштита на слободната конкуренција на пазарот, унапредување на интересите на пазарот и корисниците на поштенските услуги. Во оваа насока, во следниот период посебно внимание ќе посветиме на подготовките за либерализација на пазарот која треба да почне идната година. Ова е особено важно за сите инволвирани во овој сектор, како приватните поштенски оператори, така и државнната пошта, со цел подготвени да излеземе на отворениот пазар”, изјави Зоран Маневски, државен секретар во Министерството за транспорт и врски.
Според Фреек Јанмаат од делегацијата на ЕУ овој проект се случува во време кога започнува процесот на преговори со Европската Унија, во кои една од темите ќе бидат и поштенските услуги. Либерализацијата е дел и од втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и подразбира македонски компании да можат да даваат услуги во ЕУ и обратно.