Средба на министерот Сугарески со претставниците на Македонско-Турската Стопанска комора- МАТТО
21.02.2019
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески оствари работна средба со претставници на Македонско-Турската Стопанска комора -МАТТО.
Во рамките на средбата се разговараше за инфраструктурните проекти во Република Северна Македонија и можноста за учество на турските стопанственици и инвеститори во нивна реализација.
Министерот Сугарески пред присутните ја образложи инвестициската програма на Владата за реализација на проекти во патната, железничката и комуналната инфраструктура и ги повика стопанствениците да земат активно учество во изградба на капиталните објекти во земјата.Тој го потенцираше планот на Владата и Министерството за транспорт и врски за изградба и реконструкција на преку 700 километри патна мрежа како и изгрaдба на железничкиот Коридор 8 кон Република Бугарија.
“Особено ми е драго што денеска се сретнав со турските инвеститори во земјава. Турската стопанска заедница во Република Северна Македонија е важен фактор во развој на економијата и тука гледаме заеднички интереси. Разговаравме за сите инфраструктурни проекти, за новата реформа во законите што ја регулираат градежната дејност и ги повикав сите заинтересирани да се вклучат во нивната реализација. Ни претстои период со големи инвестиции и се надевам дека дел од нив ќе пројават интерес да се вклучат во изградба на капиталните објекти”, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
На средбата се разговараше и за новиот Закон за урбанистичко планирање и новите решенија во Законот за градење.Министерот повика да се вклучат со свои забелешки за да се изготват квалитетни закони кои ќе имаат функционална примена во пракса. Министерот Сугарески се заблагодари на досегашната соработка со МАТТО и ја потенцираше потребата таквата соработка да продолжи со поголем интензитет и во следниот период.