Сугарески: Половина милијарда евра инвестиции во инфраструктурата само во Kривопаланечко.
05.04.2019
Инфраструктурата е најголем приоритет во Kривa Паланка и регионот, тоа го потвдрува фактот што само во овој регион инвестираме преку половина милијарда евра во изградба на патишта и железница, истакна министерoт за транспорт и врски Горан Сугарески при посетата на општина Крива Паланка.
Тој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, извршија увид во изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.
Изградбата на експресниот пат започна уште минатата година и според она што ме извести надзорот, изградбата се одвива со добра динамика. Ова е многу значен патен правец со кој ќе го забрзаме протокот на стоки и услуги посебно преку граничниот премин Деве Баир, потенцираше министерот Сугарески.
“Овде минува европскиот Коридор 8, кој за нас е стратешки патен правец кој дополнително ќе не поврзе со соседите и ќе ни овозможи економски развој на земјата а посебно развој на економијата на овој регион. Фокусирани сме на изградба на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, како и на изградбата на пругата и железничкото поврзување со Бугарија. Изгрaдбата на патот оди си посилна динамика од претходно, исто така се интензивираше и изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце. Оваа година или почеток на следната очекуваме да отпочне изградбата од Бељаковце до Крива Паланка и понатаму третата фаза до границата со Бугарија,”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека покрај изградбата на експресниот пат, оваа година ќе започне со изградба на трета лента на патниот првец од Крива Паланка до граничнот премин Деве Баир, понатаму реконструкција на државниот пат од Ранковце до Крива Паланка како и реконструкција на патниот правец Куманово до Страцин, за што ќе се инвестираат вкупно 28, 6 милиони евра.
“Со изградбата на овој експресен пат како и реконструкциите на овие патишта ќе покриеме преку 80 проценти од патната мрежа во овој регион” изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
За градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, овие проекти веќе ги даваат првичните резултати бидејќи како што потенцираше, сите невработени градежни инжењери и работници како и градежна механизација била ангажирана за реализација на овие проекти.