Започна изградба на социјална зграда во Пробиштип, планирани се уште 10 нови за годинава
05.07.2019
„Владата е максимално фокусирана на решавање на статусот на социјално загрозените лица на кои по разни основи не им е решено станбеното прашање. Нашата цел е да им овозможиме кров над глава, сигурност и подобри услови за живот на најранливите категории на граѓани“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при означувањето на почетокот на изградбата на станбена зграда во Пробиштип, наменета за социјално ранливите категории на граѓани.
Новиот објект наменет за лица од социјален ризик и други ранливи групи на граѓани ќе има 48 станбени единици распоредени на 4 ката и приземје. Вредноста на овој капитален проект е околу 870 илјади евра.
Министерот Сугерски во изјава за медиумите истакна дека ваквите политики за згрижување на најранливите категории на граѓани ќе продолжат и во наредниот период преку реализација на Програмата за изградба на социјални станови во различни градови низ државата и додаде дека Министерството за транспорт и врски и АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката работат на обезбедување на услови за изградба на социјални станбени објекти и во Гевгелија, Виница, Пехчево, Свети Николе, Дебар, Велес, Скопје и Неготино.
„ До сега изградивме вкупно 164 станови и тоа во Кочани, Македонски Брод и Струмица, а во завршна фаза е зградата во Гостивар. Исто така, Решенијата за доделување на социјалните станови во Кочани се веќе потпишани и во најбрз можен рок заедно со АД за станбен и деловен простор ќе им овозможиме на семејствата да започнат со вселување во новите домови“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски потенцираше дека во текот на овој месец ќе започне изградба на уште два станбени објекти од овој тип.
„Очекуваме во текот на наредната недела да го одбележиме почетокот на изградба на социјална зграда во Неготино, а до крајот на месецот ќе започнеме и со изградба на станбен објект во Бутел со вкупно 312 станови. “
Директорот Трајковски додаде дека АД за стопанисување со станбен и деловен простор, заедно со Министерството за транспорт и врски работат на обезбедување на услови за изградба на уште 10 други социјални згради на различни локации низ државата, кои се очекува да отпочнат до ноември оваа година.
Градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов изјави дека станува збор за доста значаен капитален проект со кој се решава еден горлив проблем на социјално ранливите категории на граѓани и со кој ќе им се обезбеди кров над глава на поголем број семејства.