Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска одржа прес-конференција на која изјави дека Владата на Република Македонија ја донесе Уредбата за начинот и поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување средства потребни за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски авиопревозници за периодот 2019 - 2021 година. Веднаш по објавувањето на информацијата во Службен весник, ќе биде формирана Комисија за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка која ќе го објави новиот Јавен повик за доставување на барање за финансиска поддршка. 

Во прилог следува интегрален текст од говорот на министерот Сугарески.

Развојот на воздушниот сообраќај во Република Македонија, воведувањето на нови и евтини летови до бројни атрактивни дестинации и овозможување на подобри услови за патување за македонските граѓани е програмска определба на Владата. 

Министерството за транспорт и врски е силно посветено на создавање услови за зголемување на бројот на авиопревозници кои ќе оперираат на двата македонски аеродроми, зголемување на бројот на патници, воведување на нови дестинации и подобрување на квалитетот, безбедноста и достапноста на авиопревозот во Република Македонија.

Континуираниот пораст на бројот на превезени патници од Скопскиот и Охридскиот аеродром, како и новите восопоставени авиолинии до бројни европски метрополи сведочат за нашата работа и нашите определби кои имаат за цел стимулирање на авиосообраќајот и формирање на поконкурентни и подостапни цени.

Во таа насока, сакам да информирам дека денеска Владата на Република Македонија ја донесе Уредбата за начинот и поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување средства потребни за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски авиопревозници за периодот 2019 - 2021 година. 

Програмата ќе отпочне да се применува од 1 Јануари 2019 година, а заклучно со 31 Декември 2021 година. 

По објавувањето на информацијата во Службен весник, ќе биде формирана Комисија за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка која ќе го објави новиот Јавен повик за доставување на барање за финансиска поддршка. 

Јавниот повик ќе биде објавен во домашни и странски јавни гласила, како и  на веб страната на Министерството за транспорт и врски во најбрз можен рок.

Сакам да истакнам дека целата постапка за доделување на финансиската поддршка ќе се врши јавно, фер и транспарентно.

Во оваа прилика, ги повикувам сите заинтересирани авиокомпании да се пријават на Јавниот повик и уверувам дека ќе се избере авиопревозник кој ќе достави најдобра понуда и ќе ги исполнува критериумите согласно Јавниот повик.

Владата на Република Македонија ќе остане посветена на создавање услови за  развој на воздушниот сообраќај во земјата и овозможување на поволни и евтини летови за граѓаните до нови и атрактивни дестинации“ - изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.