Бочварски во посета на М-НАВ и АЦВ. Македонското небо е отворено за сообраќај, институциите постигнуваат рекорди во број на превезени патници и број на летови
27.12.2023
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска беше во работна посета на АД Македонска навигација (М-НАВ) и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), каде оствари средба со раководствoтo на двете институции.
Тема на работната посета беше развојот во авиосообраќајот во Северна Македонија и идните планови на двете воздухопловни институции.
Министерот Бочварски потенцираше дека возухополовниот сектор бележи најуспешна година и по бројот на прелети над државата и по бројот на превезени патници од двата меѓународни аеродроми.
За споредба, 2023 година во однос на 2019 година која е земена ако референтна година со најголем обем на сообраќај, оваа година се бележи зголемување од 26,5 проценти по бројот на прелети над македонското небо, додека во однос на минатата 2022 година во овој дел се забележува зголемување од 13,4 проценти.
Изразено во бројки, во 2022 година вкупно преку нашето небо имало 204 000 прелетувања, додека до крај на годината очекувањата се дека бројката ќе достигне преку 230 000 прелетувања.
Во однос на вкупните операции во воздухопловството оваа 2023 година имаме зголемување од 25 проценти во однос на 2019 година, односно 17,3 проценти споредено со 2022 година.
“Ова е силен доказ дека цивилното воздухопловство се развива и дека политиките на Владата ги носат посакуваните резултати. Покрај одлично остварените резултати на двете воздухопловни институции М-НАВ и АЦВ, имаме и преку три милиони превезени патници како корелација со овие реализирани бројки. Тоа ни дава за право да веруваме дека воздухопловниот сектор има простор уште да се развива, а ние продолжуваме да работиме на подобрување на техничко -технолошките и капацитети и човечки ресурси за да овозможиме дополнителен развој на авиосообраќајот во земјава,” изјави министерот Бочварски.
Министерот Бочварски на раководствата на воздухопловните инстуции и на синдикалните организации им се заблагодари за успешно остварените резултати оваа година.