Министерот Бочварски се обрати на прославата од 73 години постоење на Архитектонски факултет
06.10.2022
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска се обрати на прославата од 73 години постоење на Архитектонски факултет. Во својот говор тој се осврна на значењето и влијанието на архитектурата во равојот на една земја. Во продолжение интегралниот говор на министерот Бочварски:
"Најпрво сакам да изразам огромна благодарност на поканата да присуствувам на овој настан во одбележување на 73 години од постоењето на Архитектонскиот факултет Скопје.
Секое доаѓање овде ме потсетува на студентските денови на овој Факултет каде се здобив со огромно знаење и искуство во оваа дејност од врвните професори што несебично го предаваат своето богато знаење на студентите.
И треба да им бидеме благодарни за тоа.
Да се биде архитект е струка која носи огромен товар, но и огромна одговорност во создавањето на трајни вредности во општеството.
Архитектиурата е креативна професија, спој на уметноста и инженерството, поврзување на идејата и финалниот производ. Архитектурата претставува вештина, планирање, стил на работа, креација, процес, симбол, дизајн, оригиналност во работеењето каде секој нов процес е неповторлив.
Американскиот архитект Стивен Хол напиша: Користењето на линиите за цртање е уметност меѓу скулптурите, поезијата, музиката и науката, сите тие се спојуваат во архитектура".
Архитектите се своевидни уметници во времето и просторот.
Денес сме сведоци на бројни архитектонски дела, на сегашни или архитекти од друго време, кои оставиле траен белег во нашето општество. Тоа е само доказ за стручноста, професионалноста и вештината што го дава оваа образовна институција. Нашата задача и цел е да создадеме јасна слика за архитектонската дејност, нејзината практичност и потреба без која не може да функционира општеството.
Затоа со гордост можам да констатирам дека, низ својот досегашен развој, Архитектонскиот факултет израсна во високообразовна институција со статус од национално значење. Посебно сум горд затоа што студирав во време кога моите професори колеги и асистенти пристигнаа од Светски признатото биенале во Венеција, а нивниот проект беше рангиран и наградени во трите најдобри проекти во Светот во тој момент. Тоа говори само за еден факт. Дека ова е вистинска силна високообразовна институција со која јас се гордеам лично и како ресорен министер во делот на архитектурата, градењето и урбанизмот.
Во министерството соработувам со тим од искусни архитекти кои своето знаење несебично го усмеруваат во изградба на капиталните проекти од стратешко и национално значење за државата. И овде сакам да истакнам дека секој од вас е добредојден во Мтв, и оние кои сакаат да го видат системот во пракса и секако оние кои бараат професионално да се вградат во нашата институција. За сите вас вратите на министерството за транспорт и врски се отворени.
Тука морам да ја спомнам и соработката што ја имаме и со Факултетот, со асоцијацијата на архитекти и со Коморита на овластени архитекти и инженери со кои заедно ја движиме дејноста.
И посебно сме горди на нашата визија за модерна и просперитетна држава, каде архитектурата дава посебен дух во бројните архитектонски дела за кои ќе говорат и генерациите што доаѓаат.
Но би сакал да потенцирам дека пред нас е и предизвикот да ги спроведеме неопходните реформи за да може да создаваме услови на континуитет на просторна и градежна експанзија во земјата.
Нашата цел е да изградиме здраво општество кое се темели на правда и сигурност за сите чинители, од стручни лица во фелата, преку институциите, граѓаните и инвеститорите.
Можам да потенцирам дека сите заедно се бориме и ќе се бориме да ја унапредиме дејноста, да создадеме подобри услови за работа, за да можеме да дадеме свој белег на нашето време. Сакам да истакнам дека донесовме нов закон за урбанистичко планирање, правилник и тарифник за изработка на урбанистички планови преку кој работата на моите колеги не може и не смее да се вреднува како работа за креирање на одредени бизнис идеи, туку напротив е прв чекор кон пробив на струката и креирање на хумано живеење за денешните и идните генерации.
Многу често користам една мисла која на некој начин ја поврзува политиката, мојата идеологија и нашата професијата, тоа е мислата на архитектот Сантијаго Калатрава, во која се вели “место да градиме ѕидини, да градиме мостови, мостовите се симбол на повразувањето наместо поделбите.’’
За крај сакам да ги споменам зборовите на еден мој професор кој на еден од првите предавања овде пред нас студентите го кажа следното. Почитувани Правници, машинци, економисти градежни инженери, електро инженери, добредојдовте на архитектонскиот факултет, од овде само неколку ќе станете архитекти сакајќи да укаже на габаритноста и тежината на овој факултет. Убеден сум дека не ни мислеше лошо на ниту еден од нас.
И Навистина дел од нашите колеги се откажаа, но оние кои беа упорни и ја сакаа архитектурата останаа и дојдоа до оваа престижна титула. Затоа почитувани колеги, студенти и јас исто како мојот професор на никој од вас не му мислам лошо, но јас имам малку поразличен пристап, верувам, посакувам секој од вас да се стекне со титулата дипломиран инженер архитект овде, и знам дека ќе продолжите да создавате иднина за вас, за граѓаните и за идните генерации кои доаѓаат после нас. Бидејќи сите сте потребни како архитекти, градители на иднината и креатори на трајни вредности за државата.
Уште еднаш честитки за 73 годишнината од постоењето на Архитектонски факултет" истакана министерот Бочварски