Вицепремиерот Николоски објави: “4IG” поднесе документи до АЕК за интерес за трет мобилен
12.12.2024
Завршување на дуополот на двата мобилни оператори во Македонија и намалување на цените за мобилни услуги, најави вечерва во емисијата “Само Интервју” вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој потенцираше дека унгарската компанија 4iG е најсериозна компанија во моментов да влезе на македонскиот пазар и да понуди поевтини цени.
-Унгарската компанија денеска официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката и се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот на два оператори, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари”- истакна вицепремиерот и министер за транспорт Николоски.
Тој потенцираше дека секоја друга компанија може да конкурира, а целта е да се обезбедат поевтини услуги за граѓаните. Николоски образложи дека ваквата одлука следува откако мобилните оператори во Македонија не направиле ништо во изминатите четири месеци да ги подобрат условите.
“Ниту ги намалија цените, ниту ги подобрија услугите, ниту го почитуваат законот, истакна Николоски.