Заменик министерката Зеколи Шаќири во работна посета на Полска
20.05.2025
Заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, оствари работна посета на Република Полска, во рамките на проектот за зајакнување на инспекциските капацитети во транспортниот сектор.
Во текот на посетата, заедно со инспекторите од Инспекторатот за транспорт на Македонија и полските колеги, беа разменети искуства и беше следено спроведувањето на најсовремените европски практики за теренска инспекција, вклучително и техничките контроли на транспортни возила, модерните техники за мониторинг на сообраќајната безбедност и примената на систематски пристапи кои обезбедуваат транспарентност и професионализам.
Заменик министерката Зеколи Шаќири оствари работна средба со заменик министерот за инфраструктура на Полска, г. Станислав Буковец, со кого беше разговарано за продлабочувањето на билатералната соработка во областа на транспортот и размената на знаења за јакнење на институционалните капацитети.
„Оваа посета ни овозможи да учиме од земја-членка на ЕУ со богато искуство во областа на инспекциите и сообраќајната безбедност. Посветени сме на примената на овие практики и во нашата земја, во функција на побезбедна и поодржлива инфраструктура за сите граѓани,“ изјави заменик министерката Зеколи Шаќири.
Посетата на Полска претставува значаен чекор во приближувањето на нашите стандарди со оние на Европската Унија, преку јакнење на професионалните и институционалните капацитети во транспортниот сектор.