Капитал: Oткако дојдовте на чело на ова министерство во јавноста се обелоденија големи неправилност околу изградбата на двата автопати Кичево- Охрид и Скопје Штип кои ги доби кинеската Синохидро. Колку реално ќе ја чинат Македонија овие два автопати согласно барањата на кинеската градежна фирма и кога се очекува да бидат изградени?
Сугарески: Извесно е дека изградбата на автопатот Кичево – Охрид ќе ја чини Република Македонија многу повеќе отколку што беше предвидено со првичниот договор од 376 милиони евра. Пропустите и грешките што се правени во текот на изградбата мора да се поправат и тоа ќе ја зголеми цената на чинење на автопатот. Дополнително ќе се намалат и цените на градежните материјали што ќе се употребуваат во изградбата бидејќи претходно тие се договарале по неколку пати повисоки отколку што чинеле реално на пазарот. Повеќе тоа нема да се случува. Во моментов вршиме анализи колку точно ќе чини доизградбата на овој автопат и откако ќе имаме конечен договор со кинеската компанија ќе објавиме за конечната сума. Но едно сакам да појаснам. Изградбата на автопатот е приоритет, не само за нас како Влада, туку генерално за сите граѓани на Република Македонија и затоа мора тој да биде завршен. Бенефитот е за сите, но мора да признаеме дека тој ќе чини повеќе пари и за жал тие пари ќе мора да ги плаќаме сите ние. Во завршна фаза сме околу продолжување на договорот само за доизгардбата бидејќи рокот веќе е изминат, потоа ќе преговараме и за сумата, но сакам да уверам дека се што е во наша надлежност ќе направиме за да таа дополнителна цена на чинење ја намалиме колку што може повеќе.
Во однос на автопатот Миладиновце-Штип, за него веќе постигнавме договор. Рокот го продолживме до септември оваа година и за овој автопат нема да има потреба да се одвојуваат дополнителни средства од граѓаните.
Капитал:Синохидро која продолжува да ги гради автопатите во 2016 година била трета најпрофитабилна компанија, а во истовреме беше побарано од нивна страна дополнителни пари за довршување на изградбата на автопатите. СЈО веќе отвори истрага за поранешни функционира, но ќе има ли истрага за работењето на кинеската фирма во Македонија?
Сугарески:Ние како ресорно министертво се што беше побарано од нас во смисла на документација е доставено до СЈО. Дали ќе има истрага, тоа ќе мора да го кажат органите надлежни за тоа. Ние сме транспаретни во целиот процес, и во иднина се што ќе биде побарано како материјал, ќе биде доставен до Обвинителството.
Капитал;Какви се плановите во поглед на патната инфраструктура за годинава? Што е планирано да се гради и колку пари се планира да се инвестираат? Неодамна најавивте дека 70 милиони евра планира да потроши Владата за изградба на патната инфраструктура кон Бугарија?
Сугарески: Изминатиот период влеговме во еден инвестициски циклус во изградба и реконструкција на патната мрежа во змејава. Потпишавме неколку договори за изградба на експресни патишта и реконструкција на педесетина регионални патишта. Предвидено е 2018 година да завршиме со изградба на два автопати, Демир Капија-Смоквица и Миладиновце-Штип, а без застој ќе продолжи да се гради автопатот од Кичево до Охрид За многу кратко време ќе започнеме со изградба на три експресни патишта и тоа: Штип – Радовиш, Ранковце –Крива Паланка и втората фаза од експресниот пат Градско-Прилеп, на потег Градско –Дреново. Ќе продолжиме и со изградба и на експресниот пат Штип – Кочани. Ќе се започне изработка на проект за изградба на автопатот од Скопје до граничен премин Блаце кон Косово и експресен пат од Прилеп до граничен премин Меџитлија кон Грција. Со почеток на градежната сезона ќе започнеме со реконструкција на 12 патни правци за кои се обезбедени средства од Светска банка и тоа: Младо Нагоричане - граница Пелинце, Делчево - Звегор, Струмица - Ново Село – граница со Р. Бугарија, Јурумлери - Драчево, Кавадарци - Росоман, Дедели - Фурка - Богданци – Гевгелија, Куманово - Свети Николе, Тетово - Попова Шапка, Делчево - Пехчево, Берово - Виница, Битола - Демир Хисар,Драчево - Орешани – Таор.Понатаму, обезбедени се преку 80 милиони евра за реконтрукција на 26 регионални патишта и тоа: Реконструкција на автопатска делница Миладиновци-Петровец, автопатската делница Хиподрoм – Петровец, автопатска делница Миладиновци-Хиподром, реконструкција на патен правец Пробиштип–Крупиште, Маврови Анови - Жировница, реконструкција на трета лента на патен правец Фаришка клисура –Прилеп, патените правци Штип–Радовиш, Кривогаштани-Крушево, Карпалак – Желино, Крива Паланка-Ранковце, Скопје-Блаце, Подмољњ-Струга-Ќафасан, Куманово - Свети Николе, Битола-Меџитлија, Битола-Демир Хисар, Крушево - Демир Хисар, Катланово-Велес, Куманово-Опае, Велес-Градско-Неготино - Демир Капија, Никуштак-Куманово, Другово-Демир Хисар, Македонска Каменица-Саса, Кичево-Македонски Брод, Узем-Тораница
Само оваа година ќе се гради и реконструира патна мрежа со вкупна должина од преку 600 километри.
Капитал;На последниот самит во Рим помеѓу ЕУ и Западен Балкан беа одобрени пари за изградба на железницата на Коридор 8. До каде е овој проект на терен? Работите на првата делница се чини дека е блокирана...
Сугарески:Железничкото поврзување кон Бугарија е еден од приоритетите на Владата. Доказ за тоа е Меморандумот за развој на железничката мрежа, што изминатата година го потпишавме со Република Бугарија, со кој се предвидени конкретни рокови во кои се обврзуваме да ја доизградиме и модернизираме пругата до граничниот премин Деве Баир. Станува збор за железничка пруга со вкупна должина од 89 километри, чија изградба е предвидена во три фази и согласно Меморандумот треба да заврши до 2025 година.
Изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце е во фаза на реализација.Пругата требаше да биде готова уште во 2016 година, но градбата беше пролонгирана поради одредени проблеми со проектната документација и нерешените имотно правни односи. Во овој период полека успеваме да ги надминуваме таквите состојби и На Самитот во Трст успеавме да обезбедиме грант- неповратни средства во висина од 70 милиони евра од страна на ЕУ за изграба на втората фаза од пругата кочекуваме изгардбата да биде завршена следната година.
За втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка проектната документација е веќе завршена. Започната е постапката избор на Изведувач и очекуваме до јуни оваа година да имаме избрано градежна фирма што ќе го гради овој дел од пругата. Што се однесува на вредноста на оваа инвестиција, таа изнесува околу 145 милиони евра, средствата се веќе обезбедени и тоа половина со грантот од ЕУ кој успеавме да го обезбедиме на Самитот во Трст о останатиот со заем од Европската банка за обнова и развој. Третата фаза од пругата кон Бугарија е делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир во должина од 24 километри. И за овој дел е изработена проектната документација. Согласно проекциите изградбата би требало да започне 2021 и да заврши до 2025 година, согласно рокот предвиден со Меморандумот. Според проценките, вредноста на инвестицијата би била околу 350 - 400 милиони евра, од кои 60 милиони се веќе обезбедени преку Оперативната ИПА2 програма за 2017- 2020, а останатите планираме да ги обезбедиме преку меѓународните финансиски институции, во периодот што следува.
Капитал:До каде е гасификацијата на Македонија на терен? Неодамна имавте и средба со градоначалниците во кои ги повикавте да бидат поактивни...Кои се чекорите кои ќе се преземат во следниот период за да се забрза гасификацијата и кога реално може да се очекува гасификацијата на домаќинствата да стане реалност?
Сугарески; Клучен проект за подобрување на економските перформанси на копманиите и намалување на трошоците на граѓаните. Затоа посебен фокус ставаме на овој проект, од аспект на навремена реализација на изградбата на магистралните гасоводи. Ќе спомнам дека изградбата на делницата Блок станица 5 (Штип) – Неготино е во тек и бележи прогрес од 85%. Изградбата на делницата Неготино - Битола очекуваме да биде завршена до 2020 година, а делницата Скопје – Тетово – Гостивар да биде готова до крајот на 2019 година, почеток на 2020 година. Исто така, планираме оваа година да започнеме со постапка за интерконекциска врска со Република Грција и Република Бугарија, како и да ја поврземе ТЕЦ Неготино со магистралниот гасовод. Во однос на финасиските средства, само за оваа година обезбедивме околу 40 милиони евра.
Континуирано имаме средби со градоначалниците и ги притискаме и тие максимално да се вклучат во овој процес преку логистиката што треба да му ја дадат на МЕР од аспект на решавање на имотно правните работи. Она што сакам да го потенцирам е дека државата ќе ги гради само главните магистрали, а обврска на општините е сами да ја изградат својата мрежа и да се поврзат на магистралите. Затоа, потребно е градоначалниците на општините да дадат свои заложби и паралелно да работат на гасификацијата. Нашата цел е да овозможиме гасот да стигне во секоја општина и до секое домаќинство.
Капитал: Во изминатиов период македонскиот градежен сектор бележи пад , кој се одрази и врз забавување на економскиот раст. Очекувате ли подобрување во овој сектор годинава?
Сугарески:Апсолутно. Немам дилеми во тоа со оглед дека влегуваме во една фаза каде започнуваме да реалзираме многу капитани проекти кои пак директно значат ангажман на домашните градежни компании, што како изведувачи, што како подизведувачи. Ако претходно имавме забавување со проектите поради објективни причини, сега со започнување на градежната сезона ќе има многу работа на терен. Интензивно ќе продолжат да се градат автопатите, ќе се започне со изградба на три експресни патишта, ќе се гради пругата кон Бугарија и Грција, многу водови и канализации, гасификацијата како проект и други капитални објекти кои се надвор од нашата надлежност но влијаат врз севкупно градежниот сектор.
Неодамна прочитав дека домашните градежни компании имале пад во работата во странство, јас уверувам дека градежништвото во Македонија ќе оди во нагорна линија.
Капитал;Неодамна објавивте еден поразителен податок дека само 18% од општините во Македонија имаат покриеност со водоводна и канализациона мрежа. Што е планот на Владата по поглед на изградбата на нови водоводи и канализации.
Сугарески:Токму така. Многу е мал процентот на покриеност со водоводи и канализации. Затоа максимално сме посветени на преземање мерки за подобрување на условите за живот на сите граѓани во оваа сфера..
Министерството за транспорт и врски има конкретни проекти со кои има за цел да ја подобри комуналната инфраструктура во земјата. Тука пред сè сакам да ќе го издвојам проектот со кој преку кредитната линија на Европската инвестициона банка на сите општини во Република Македонија според бројот на жители, им се распределени финасиски средства наменети за изградба и реконструкција на канализации и водоводи. За да ги искористат овие средства, потребно е општините да достават до Министерството за транспорт и врски готов проект, а понатаму Министерството ја презема и спроведува целата постапка, сè до реализација на проектот. Дел од општините веќе ги имаат искористено средствата кои им биле на располагање, но поголем дел се уште имаат неискористени средства. Со оглед на тоа што кредитната линија завршува оваа година, апелирам до градоначалниците, до месец април да ни достават готови проекти, цо цел истите да можат навремено да се реализираат. Благодарение на соработката со Сојузна Република Германија, успеавме преку КФВ Банката да обезбедиме финасиски средства во висина од 8 милиони евра, од кои 5 милиони евра грант и 3 милиони евра заем, наменети за подобрување на водоснабдувањето во општините Кавадарци, Радовиш и Гевгелија.
За подобрување на водоводната мрежа во Гостивар, обезбедивме 4 милиони евра неповратни средства од Швајцарската агенција за економска соработка. Со Буџетот за 2018 година предвидовме средства со кои ќе ја доизградиме канализацијата во локалитетот Сончев град и водоводот во Сопиште. И во следниот период ќе останеме максимално посветени на исполнување на ветувањата што ги дадовме пред граѓаните, се со цел да создадеме подобри услови за живот во земјата и да овозможиме баланс меѓу урбаните и руралните средини.
Капитал: Дали оваа Влада ќе дозволи либерализација во железничкиот транспорт? Ситуацијата која сега ја имаме очигледно носи загуби за сите и државните претпријатија кои имаат монопол, но и за компаниите кои ги користат услугите..
Сугарески: Законот за железнички сообраќај точно предвидува дека либерализацијата на железничкиот транспорт ќе се овозможи откако Република Македонија ќе стане членка на Европската Унија. За да се случи либерализцијата, уште еден услов е да се направи бизнис сегментација во МЖ Транспорт, што значи дека компанијата треба да ја дозаврши реформата во насока на поделба на приходите и расходите меѓу патничкиот, товарниот сообраќај како и одржување на возните средства. Министерството за транспорт и врски има скучено договор со консултанска куќа што ја реализира бизнис сегментацијата во компанијата и според договорот очекуваме таа да биде завршена до крај на оваа година. И јас се согласувам со вас дека ваквата состојба носи само загуби не само во компанијата туку и во државниот буџет бидејќи огромни средства се префрлаат за да се намалат загубите во двете компании. Во моментов се прават сеопфатни анализи како да се надминат таквите состојби. Приватизацијата е опција за тоа, во таа насока започнавме да правиме финансиски, социјални и други анализи од работењето на Компанијата и откако ќе се изготват истите ќе се пристапи кон изнаоѓање на најсоодветното решение со конкретни чекори.
Капитал: Во јуни ќе има нов јавен повик за субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании? Ќе продолжи ли Владата со политиката на субвенционирање на евтините летови?
Сугарески: Развојот на авиосообраќајот е приоритет и програмска определба на Владата на Република Македонија. Во таа насока, политиките на Министерството за транспорт и врски се движат кон создавање на широка мрежа на поврзување на Република Македонија со голем број на дестинации во Европа и светот.
Договорот за финансиска поддршка помеѓу Владата на Република Македонија и авиокомпанијата Wizz Air Hungary Ltd истекува во месец јуни оваа година. Затоа во следниот период планираме да распишеме нов јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни авиокомпании. Во моментов ги правиме критериумите под кои услови ќе може да се користи државна помош за нови дестинации и патници. Од друга страна, нашата цел е да го поттикнеме раздвижувањето на авиосообраќајот и на аеродромот Св.Апостол Павле во Охрид. Со оглед дека Охридскиот аеродром има неискористен потенцијал, обезбедувањето на нови авио линии од страна на нискобуџетните компании ќе допринесе за зголемување на капацитетите на овој аеродром и негово промовирање во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат поволни летови за бројни дестинации.
Kaпитал:До каде се активностите за воведување на електронската наплата на патарината на автопатските делници на Коридорите 8 и 10 ?
Сугарески:Министерството за транспорт и врски, во со работка со ЈП за државни патишта активно работи на реализација на проектот за модернизација и инсталација на електронски систем за наплата на патарините на Коридор 10. Според нашите проценки очекуваме до крајот на оваа година проектот да биде реализиран. Сакам да споменам дека станува збор за инвестиција во висина од 18 милиони евра, ороектот опфаќа модернизација на 5 постоечки наплатни станици и изградба на 2 нови наплатни станици долж Коридорот 10. На наплатната станица Романовце градежните активности и инсталацијата на опремата се завршени и во моментов се подготвува документација за технички прием и употребна дозвола. Патарината ќе се пушти во употреба најдоцна за два мецеси.
Модернизацијата на патарините Сопот и Отовица во близина на Велес се во тек, а набрзо ќе започнеме со реконструкција на патарините Градско и Петровец, како и со изградба на објектот во близина на наплатна станица Петровец во кој ќе биде сместен централниот систем за наплата на патарина. Во однос на новите патарини кај Гевгелија и кај Демир Капија, министерството е во постапка на издавање на одобрение за градење.
Во однос на патарините на Коридор 8, во моментов се прават анализи околу постапката за воведување на електронската наплата и се надеваме дека оваа година ќе се изнајде конкретно решение околу начинот и финанисрањето на овој проект.
Капитал:Минатата година Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја казни грчката компанија „Актор“ со 50 милиони евра поради измама и перење пари при изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица. СДСМ своевремено го објави овој скандал во кој биле вмешани и државни службеници од претходната власт и дека се извлекувале милиони во кеш од сметките на Актор во земјава. Дали се води истрага за овој скандал во Македонија?
Сугарески:Јас колку што знам, пред неколку години се отвори постапка и за ова. До каде е постапкат и во која фаза е немам информации и пак ќе кажам, тоа е надлежност на другите органи. За нас најважно е автопатот да биде завршен согласно договорот, март оваа година. Исто така во рамките на нашите недлежности ќе направиме се за да ги заштитиме државните интереси и интересите на граѓаните, а тоа е да добијат автопат за што се издвоени пари од државниот буџет.