Во продолжение интегралното интервју:
1. До каде е изградбата на автопатиштата на Коридор 8 и како завршувањето ќе се одрази на економските односи со Албанија и Бугарија?
Изградбата на автопатот на Коридор 8, конкретно делницата од Кичево до Охрид морам да спомнам дека е со намален интензитет поради недостатоците што ги увидовме откако ја презедовме извршната власт во Република Македонија. Претходно автопатот се градел со низа нелогичности од кои како последица ќе имаме зголемување на цената за изградба и тоа мерено во неколку десетици милиони евра. Колку точно, ќе покажат анализите што ги правиме. Заради тоа пристапивме кон изготвување на сеопфатна анализа со оптимални решенија и сега во тек се преговори со Изведувачот за колкава временска рамка ќе ја продолжиме изградбата на овој дел од Коридорот 8. Несомнено изградбата на автопатот е приоритет и тој ќе го завршиме. Исто така во нашата Програма планираме и доизградба на автопатот до граничниот премин Ќафасан до границата со Албанија, додека на Исток следната година ќе започнеме со изградба на експресен пат до границата со Бугарија со можност за идно прераснување во автопат. Генерално ова се политиките по кои ќе го движиме нашиот курс за изградба на Коридорот 8 кој се надевам значително ќе влијае врз регионалната соработка и економско зајакување на земјите. Во однос на соработката со Бугарија и Албанија, сметам дека сите земји сме согласни дека што побрза изградба и модернизација на Коридорот 8 е од заеднички интерес за сите нас во регионот.
2. Од неодамна многу се зборува за проблемите на патиштата што се градени во времето на владееење на ВМРО-ДПМНЕ, па и на Коридор 10 кои и понатаму претставуваат клучна артерија за македонската економија. Што е тоа што го спречува пуштањето во употреба делот на автопатот Демир Капија-Смоквица и на тој начин комплетно поврзување од границата со Србија до грчката граница?
Според Договорот, автопатот Демир Капија-Смоквица требаше да биде изграден и пуштен во употреба оваа година. Но и овој автопат градежните работи ги следеа низа нелогичности кои ја забавија изградбата. Конкретно, наследивме една ситуација во која претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ навреме не успеала да го изгради контролниот центар од каде ќе се врши мониторинг на оваа автопатската делница, тоа е една работа, другата работа е што не се извршило дислокација на 400 киловолтен далновод кој поминува точно над трасата каде минува автопатот. Што е почудно уште, од Јавното претпријатие за државни патишта не знам од кои причини ја кочеа постапката за обезбедување на документација потребна за издавање на одобрение за градење за контролниот центар и одобрение за дислокација за далноводот. Но тоа е веќе минато, успеавме во краток рок тоа да го надминеме и да ги издадеме и двете одобренија. Како последица на оваа состојба се наложи потребата рокот за доизградба да се продолжи до крајот на фебруари 2018 година и се надевам дека граѓаните конечно ќе можат да возат по нов автопат, а Република Македонија да добие брз Коридор 10.
3. Македонија е една од ретките држави во регионот која нема национална авиокомпанија. Дали постои интерес за повторно воспоставување на еден таков проект како што беше МАТ?
Владата на Република Македонија е силно посветена на развој на воздушниот сообраќај. Интензивно водиме преговори со неколку компании кои сакаат да оперираат од Македонија, но ова се само прелиминарни преговори околу условите и можностите за работа. Во однос на национален авиопревозник, во 2015 година направена е една физибилити студија за оправданоста за воспоставување на национален авиопревозник. Таа студија покажала дека во тоа време не постои економска исплатливост од еден таков проект. Но тоа не значи дека ние се откажуваме од таквата идеја. Ќе ги разгледаме сите можности околу тоа и во моментот кога ќе се создадат услови, ќе ја реализираме таквата идеја. Во овој момент сметаме дека капацитетите на двата аеродроми во Скопје и Охрид се уште не се доволно искористени и максимално работиме да привлечеме нови авиокомпании. Друга работа што сакам да спомнам е дека ќе продолжиме со политиката на субвенционирање на ниско буџетни компании кои ќе понудат евтини летови за македонските граѓани. Договорот со авиокомпанијата која моментално добива финансиска поддршка од државата за воведени нови линии истекува следната година. По истекот на тој договор планираме да распишеме нов јавен повик на кој ќе можат да учествуваат сите заинтересирани компании а крајниот резултат би бил широка мрежа на достапни дестинации за нашите граѓани.
4. На одржаниот “Самит 100” во Скопје остваривте средба со еврокомесарката за транспорт Виолета Булц. Кои се заклучоците од оваа средба и кои се очекувањaта на претставниците од ЕУ на полето на инфраструктураните проекти за време на вашиот мандат?
Самитот 100 беше настан на кој се слушнаа многу идеи и политички и економски во кои насоки треба да се движи регионот. Едно е јасно, сите ние државите од Западен Балкан имаме јасен став и цел, а тоа е што поскоро зачленување во Европската Унија. Во тој контекст очекувањата се реални, државите ќе се движат во правец на зголемена регионална соработка за оставрување на сопствените евроатлански и интегративни цели. Во овој период сме во постојана комуникација со еврокомесарот Виолета Булц и благодариме за огромната поддршка што ни ја дава во реализација на нашите политики. Средбата што ја имавме со еврокомесарката во Скопје продонесе за поголема поддршка на нашите заложби за подбрување на инфраструктурата во земјата, но и поддршка за проектите што ќе овозможат регионално поврзување и развој на регионот. Впрочем и пораките од еврокомесарката Булц беа кон подигнување на регионалната соработка и поврзување на регионот како еден од условите за побрза интеграција на земјите во ЕУ.
5. Железничката инфраструктура во Македонија е застарена и неефикасна. Што планирате да работите на тоа поле и колку државата е вклучена во проектот Пиреа- Будимпешта?
Модернизација на железницата е еден од врвните приоритети на Владата. Во таа насока планираме сериозни инвестиции за подобрување на железничката инфраструктура. Нашите заложби се да овозможиме побрз железнички транспорт на Коридор 10 како и изградба на пругата кон Бугарија на Исток и Албанија на Запад, поточно долж Коридор 8. За таа цел неодамна со Владата на Бугарија потпишавме меморандум за железничко поврзување во насока на заедничко залагање за изградба на оваа пруга. Во тој контекст морам да спомнам дека во тек е изградба на првата фаза од пругата кон Бугарија. Изградбата е поделена во три фази поради големината на финансиски средства потребни за реализација на овој проект. Втората фаза очекувам следната година да започнеме со изградба, половина од средствата се веќе обезбедени преку меѓународни финансиски институции половина ги обезбедивме преку ЕУ на Самитот во Трст што се оддржа годинава. За третата фаза се врши проектирање и според меморандумот што го потпишавме со Бугарија очекуваме комплетно пругата да ја завршиме до 2025 година.
Во однос на изградбата на пруга кон Албанија, во завршна фаза е проектирањето на делот до границата со Албанија. Се работи за комплетно нова пруга и во наредниот период исто така ќе се обидеме да обезбедиме средства од ИПА фондовите или други фондови од ЕУ бидејќи овој дел е многу важен за целосно заокружување на железничкиот Коридор 8.
Морам да спомнам дека годинава ќе започнеме и со изградба на пругата од Битола до границата со Грција со што ќе влеземе во еден инвестициски циклус со кој железницата во Република Македонија ќе ја направиме повеќе од функционална.
Во однос на прашањето за брза пруга од пристаништето во Пиреја до Будимпешта, Република Македонија ќе ги разгледа сите отворени можности што ќе ги понуди инвеститорот, но во секој случај сметам дека изградбата на оваа брза врска значително ќе влијае врз раздвижување на железничкиот сектор во регионот.
6. Според Вас, дали недостатокот на патна и железничка инфраструктура е една од клучните причини за ниското ниво на странски инвестиции во регионот?
По дефиниција инфраструктурата е клучна за економски раст и развој на регионот. Не е доволно државите да нудат само пакет на олеснителни услови за влез на странските инвеститори од типот на пониски даноци, ослободување на комуналии, нудење на градежно земјиште по поволни услови итн. Потребно е силна инфраструктура, брзи патишта, железници, транспортни јазли каде на едно место ќе се обединат сите видови на сообраќај за да се намали времето на транспорт а со тоа и трошоците за фирмите. Тоа ја прави една земја поконкурентна во однос на другите. Друга работа што многу е важна и сакам да ја спомнам е потребата од намалување на царинските бариери кои сега постојат меѓу државите. Лично сметам дека со надминување на сите овие пречки ќе ја зголемиме конкурентноста на регионот.
7. Што е тоа што им недостасува на државите од Западен Балкан да го забрзаат процесот на инфраструктурано поврзување?
Финансирањето на крупните капитални проекти се секогаш најголем проблем за државите. Буџетите не секогаш можат да поддржат високо ниво на одлевање на средства за реализација на такви крупни проекти иако тие се од огрмно значење за државата и регионот. Затоа потребно е Европската Унија да ги препознае приоритетите и да поддржи нивна реализација. Според мене барем во делот на Република Македонија, ЕУ успешно ги поддржува ваквите проекти што сметам дека на долг рок ќе ги дадат посакуваните резултати. Од политички аспект не гледам постоење на било каков проблем во реализација на овие инфраструктурани проекти.
8. Според Вас, кој е најзначаен инфраструктурен проект на регионално ниво?
Изградбата и модернизацијата на Коридорите 8 и 10 се врвен приоритет на Република Македонија. Верувам дека исти приоритети имаат и другите соседни земји бидејќи пред Европската Унија настапуваме со заеднички став дека изградбата на овие траснпортни коридори се од исклучително значење за регионот. На пример, во овој момент нема функционална пруга на Коридор 8. Затоа спомнав и претходно, неодамна потпишавме Меморандум за соработка со Република Бугарија за изградба на пругата кон Исток, како и изградба на пруга кон Запад. Реализацијата на овој проект ќе обезеди функционалност на Коридорот 8 по железнички пат.
Исто така обезбедени се средства за изградба и модернизација на патната мрежа на Коридор 8 на ниво на автопат и експресни патишта со што ќе се создаде квалитетна врска меѓу Истокот и Западот на Македонија. Овие проекти се во рамномерна временска врска со проектите што ги реализираат и владите во Албанија и Бугарија, така да заеднички создаваме еден регионален спој на комуникација од исклучително значење за регионот.
Во однос на Коридор 10, се посветува посебно внимание бидејќи ова е еден од најважнте Коридори за врската Север – Југ. Инвестициите што ги реализираме на овој потег надминуваат преку 200 милиони евра, што само по себе говори за значењето. Во делот на Република Македонија, веќе во завршна фаза се реконструкциите на неколку патни делници на овој потег, во соседна Србија во изминатиот период се посвети посебно внимание на изградба на нови автопати на овој Коридир, со што сметам дека политиките што ги преземаме во тој дел се во вистински правец за оддржување на конкуренцијата и еконмско јакнење на регионално ниво.
https://www.srpskaekonomija.rs/interviju/10/1//clanak/295