Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска присуствуваше на промоција на новата веб апликација “Мој Пат“.
Проектот “Мој Пат” вклучува бесплатна мобилна
апликација и веб платформа и има за цел на сите групи учесници во сообраќајот
да им овозможи да ги идентификуваат и да ги пријават недостатоците на локалните
магистралните и регионални патишта во државата.
Во своето обраќање,министерот Сугарески изјави дека оваа веб алатка ќе биде
од огромно значење бидејќи ќе придонесе за воспоставување на ефикасен систем за
идентификација на недостатоците на патиштата и нивно навремено отстранување со
што ќе се придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
“Република Македонија континуирано се залага на
инкорпорирање на модерните сообраќајни текови преку кои ќе овозможиме
поквалитетно и побезбедно користење на патиштата.
Една од алатките за тоа е и токму оваа апликација. Како Влада која се
залага за отчетност и транспарентност, токму оваа алатка ќе ни биде од огромна
корист во идентификација на
недостатоците што се јавуваат на патиштата.
Сите пријавени недостатоци во понатамошниот период ќе се отстрануваат
согласно приоритетите и капацитетите на институциите надлежни за тоа. Со тоа ќе
создадеме еден ефикасен систем на одржување на патната инфраструктура во
државата.
Бидејќи изградбата на патната инфраструктура е врвен приоритет на Владата,
политиките што ги презема Министерството за транспорт и врски во соработка со
Јавното претпријатие за државни патишта се во насока на обезбедување на
модерна, квалитетна и безбедна инфраструктура низ цела територија на Република
Макеоднија”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Носител на проектот “Мој Пат” е Авто Mото Сојузот на Mакедонија, а Министерството за транспорт и врски,
Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие за државни патишта се
јавуваат како поддржувачи на овој проект во насока на овозможување на квалитетна
патна инфраструктура и безбеден сообраќај за сите учесници во сообраќајот.