Сугарески ги повика француските компании да се вклучат во реализација на инфраструктурните проекти
28.11.2017
Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со амбасадорот
на Франција во Република Македонија, Кристиан Тимоние.
На средбата министерот
Сугарески го информираше францускиот амбасадор за проектите што се
реализираат во Република Македонија во делот на патната и железничката инфраструктурата.
Министерот ги потенцираше проектите за
доизградба на железницата на Коридор 8 и тоа проектот за изградба на пругата кон
Албанија како и доизградба на пругата кон Бугарија.
Исто така, Амбасадорот се запозна и со проектите што ќе се реализираат во следниот
период во делот на изградба и реконструкција на патната инфраструктура во
Република Македонија. Притоа министерот ги повика сите заинтересирани градежни
компании од Франција да се приклучат кон реализација на овие проекти.
„Ова е моја втора средба со амбасадорот Тимоние.
Ја искористив приликата да испратам апел до сите заинтересирани француски компании од областа на
градежништвото да одговорат на нашиот повик за соработка и учество во
реализација на проектите за изградба на инфраструктурата во Република Македонија“
– изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
На средбата беше договорено во месец декември да
се одржи бизнис форум на кој ќе присуствуваат компании од Франција кои ќе бидат
запознаени со сите проекти што ќе се реализираат во делот на инфраструктурата.
Министерот Сугарески изрази благодарност за
поддршката што ја дава Франција на Република Македонија и во таа насока двете
страни се обврзаа таквата соработка да се интензивира во следниот период.