Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, денеска потпишаа договор со кој Министерството за транспорт и врски официјално го предава системот е-градежно земјиште во надлежност на ЗЕЛС. 

Во продолжение следува интегралниот текс од денешното обраќање на министерот Сугарески.

„Реформските определби на Владата во делот на земјишната политика се движат во насока на обезбедување фер, ефикасно и транспарентно користење на државното земјиште.

Водејќи се од таквите начела успеваме да воспоставиме систем со кој  менаџирањето со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија ќе се води на најтранспaрентен начин согласно важечките законски прописи.

Денешниот настан е потврда на нашите залагања, да се овозможи децентрализација и во делот на градежната политика, односно располагањето и управувањето со градежното земјиште во сопственост на државата да премине во надлежност на општините. 

Што всушност претставува овој систем?

Е-градежно земјиште е електронски систем преку кој сите постапки за купопродажба или закуп на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија се вршат по електронски пат.

Тоа значи дека преку овој систем се водат сите постапки за отуѓување, давање под долготраен и краткотраен закуп, давање на право на трајно користење, пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на државното градежно земјиште.

Предностите на овој систем веќе се воочливи за граѓаните и за компаниите.

Преку системот се овозможува ефикасност на целата постапка бидејќи  поднесувањето на документите се прави од било кое место и во било кое време.

Исто така, преку системот се следи реализацијата на целокупната постапка што овозможува висока прецизност и запазување на роковите предвидени со договорите.

Генерално, е-системот ја  олеснува и забрзува целокупната постапка, од поднесувањето на барањето, па се до впишувањето на правото на сопственост во Катастарот.

Исполнувајќи ги законските услови досега 46 општини се стекнаа со право да управуваат со државното градежно земјиште и да го користат овој електронски систем за спроведување на постапките. Во останатите општини постапките се водат преку Министерството за транспорт и врски.  

Интенцијата на Владата на Република Македонија е на што повеќе општини да им се овозможи правото на управување со градежното неизградено земјиште.

Со официјалното предавање на системот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, во иднина сите постапките за отуѓување или давање под закуп на државно градежно земјиште ќе се спроведуваат од страна на оваа институција.

Исто така морам да спомнам дека ефикасноста и транспарентноста во водењето на постапките е потврдено и од фактот што голем дел од државните органи и надлежните судови се вклучени во овој систем како негови корисници.

На крај, сакам да им посакам успешна работа на ЗЕЛС и да нагласам дека Министерството за транспорт и врски останува партнер и поддржувач  на општините во Република Македонија“ - изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На примопредавањето на системот е-градежно земјиште присуствуваше и Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.