Во завршна фаза е патниот правец Неготино - Криволак
07.07.2016
Градежната оператива е на терен и се финализира изградбата на патот Неготино- Криволак, со што од локален ќе прерасне во регионален патен правец. Со изградбата на патот се решава уште едно барање на граѓаните на Криволак, кои наместо поранешниот патен правец со широчина од 3 метри, ќе добијат комплетно обновен и проширен патен правец со широчина од 5.5 метри.
Ова беше барање на граѓаните кое го потенцираа при посетата на министерот за Транспорт и врски Владо Мисајловски и претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски во ноември минатата година.
Финансиските средства за комплетна реконструкција на патот Неготино-Криволак во висина од 20 милиони денари се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, со кое општина Неготино има повеќе од успешна и плодна соработка, што пак резултира со реализација на повеќе инфраструктурни проекти во општината.
Патот во моментов е во фаза на асфалтирање и треба да се довршат градежни работи околу потпорните зидови. Истиот би бил готов најдоцна до крајот на овој месец.