Започна изградбата на гасоводот на делницата Штип - Неготино
30.08.2016
Магистралната гасоводна мрежа од Штип до Неготино
во должина од 36 километри почна да се гради денеска. За неа ќе бидат
инвестирани околу 16 милиони евра, а ќе ја гради македонски конзорциум
предводен од кумановски „Рапид билд“ заедно со уште четири компании – „Ел-Те“,
„Сектартермо“, „Чакар партнер“ и „Квалитет пром“.
Гасоводната мрежа Штип – Неготино се надоврзува
на гасоводот Клечовце – Штип чија изградба во должина од 61 километар заврши
минатиот месец, а беа инвестирани 75 милиони долари.
Се очекува изградбата на делницата Штип –
Неготино да заврши до крајот на следната година.
Паралелно со изградбата на оваа делница во текот
на следниот месец се очекува да започне и изградбата на гасоводните делници
Неготино – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар со што ќе се заокружи
првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа.
На почетокот на градежните активности
присуствуваа премиерот Емил Димитриев, министерот за транспорт и врски Владо
Мисајловски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и директорот на Македонски
енергетски ресурси Крсте Миладинов.
Во своето обраќање премиерот Димитриев оцени дека
изградбата на националниот гасоводен систем е од огромно значење за државата, а
ќе придонесе и за подобрување на економскиот раст и развој на сите региони.-
Реализацијата на овој проект ќе значи дополнително олеснување во работата на индустриските
капацитети, на компаниите во нашата држава, бидејќи со гасификацијата директно
се придонесува за подобрување на условите за производство поради поевтиниот
енергенс што само по себе ќе продуцира и подобрување на конкурентноста и
извозот на нашите производи во странство. Таквите процеси ќе овозможат нов
развој на домашната економија, развој како на постоечките, така и на нови
компании во различни индустриски гранки и ќе создадат нови работни места во
нашата држава, нагласи Димитриев, додавајќи дека преку гасификацијата ќе се
обезбеди и поголема заштита на животната средина.
До 2019 година, како што посочи Димитриев,
се планира да бидат изградени 265 километри од гасоводниот систем во чии рамки
во следниот период се планира изградба на шест нови делници и тоа Штип -
Радовиш - Струмица - Гевгелија, Штип - Кочани - Виница, Штип - Свети Николе -
Велес, Струмица - Ново Село, Гостивар - Кичево и Кичево - Охрид - Струга -
Ќафасан.
Заменик-министерот за економија Христијан Делев
најави дека веќе следната недела во Будимпешта ќе аплицираат за добивање гас од
меѓународни добавувачи.
Министерот за транспорт и врски Владо
Мисајловски најави дека ќе продолжи реализацијата на инфраструктурните проекти
не само во делот на гасификацијата, туку и воопшто и во тој контекст спомена
дека веќе во септември ќе започне реконструкцијата на автопатската делница
Неготино - Демир Капија во должина од осум километри за што ќе бидат
инвестирани пет милиони евра. Во завршна фаза, како што посочи, е и
реконструкцијата на патот за село Криволак, а во следниот период се планира и
изградба на инфраструктура во вредност од 550 милиони евра во индустриската
зона 8.